Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, реагира на објавувањето на владината потрошувачка кошница без согласност на Економско-социјалниот совет, оценувајќи дека на работниците не им се потребни статистички пресметки што ја разубавуваат реалноста, туку повисоки плати со кои ќе можат достоинствено да ги покријат трошоците за живот. Во изјава за „Слободен печат“, Трендафилов посочува дека граѓаните и работниците најдобро знаат колку пари им се потребни за да го поминат месецот и да ги обезбедат основните потреби на своите семејства.

– ССМ од 2011 година пресметува вредност на Синдикална минимална кошница која и тогаш и денес покажува не колку средства се потребни за да се преживее, туку покажува дека не се живее ни со толку – истакнува Трендафилов.

Според него, дури и владината кошница покажува дека платите треба да се зголемат за најмалку 6.000 денари. Со две минимални плати, за покривање на трошоците пресметани во владината кошница недостасуваат 6.383 денари, што, според ССМ, дополнително ги потврдува барањата за зголемување на минималната плата и на останатите плати.

Податоците на ССМ покажуваат дека Синдикалната минимална кошница за септември 2026 година изнесува 69.432 денари. Во споредба со август, кога изнесувала 68.675 денари, таа е зголемена за 757 денари. Растот е уште позабележителен при споредба со истиот период во претходните години. Во септември 2025 година кошницата изнесувала 65.077 денари, што значи дека за една година потребните месечни средства за покривање на минималните трошоци се зголемиле за 4.355 денари.

Во септември 2024 година, пак, вредноста на кошницата била 61.306 денари. Тоа значи дека за две години таа пораснала за 8.126 денари. Дополнителен показател за растот на трошоците е споредбата со почетокот на оваа година. Во јануари 2026 година синдикалната кошница изнесувала 66.413 денари, а до септември достигнала 69.432 денари, што претставува зголемување од 3.019 денари.

Трендафилов смета дека наместо да се намалува вредноста на Синдикалната минимална кошница за да се приближи до владината просечна кошница, фокусот треба да биде ставен на зголемувањето на платите.

-Наместо да се намалува вредноста на Синдикалната минимална кошница за 19,5 % до Владината просечна кошница, потребно е да се зголемат платите за 19,5% доколку се имаше желба да се помогне на работниците- порачува претседателот на ССМ.

Од ССМ и натаму инсистираат дека растот на трошоците за живот мора да биде проследен со соодветен раст на платите, бидејќи без тоа работниците и нивните семејства сè потешко ги покриваат основните месечни потреби.