Руско-украинската криза ги натера струмичките трговци да наоѓаат нови пазари за пласман на пролетната зелка, бидејќи на овие два пазари, посебно на украинскиот се пласираше околу 40 отсто од вкупното производство.

Според трговецот Благој Витанов од компанијата „Империјал фрут”, лани во истиот период за Украина дневно заминувале 30 до 40 камиони, а сега најмногу до 5.

-На почетокот на откупот интерес за зелката има од романскиот и полскиот пазар, потоа пласираме на поранешните југословенски простори и дел во ЕУ. Има интерес во нордиските земји, но таму се бараат анализи и „Глобал гап” сертификат, односно дека станува збор за контролирано производство од семка до берба, рече Витанов.

Пролетната зелка се откупува по 25 денари за килограм. Производителите се задоволни, но велат дека е рано да се дава оценка што ќе се случува со откупот на оваа градинарска култура.

-Од почетната откупна цена од 25 денари за килограм сме задоволни. Доколку до крајот не падне под 20 денари и се обезбеди пласман, тогаш можеме да кажеме дека ќе имаме успешна сезона, вели производителот Бончо Божиков од селото Дабиле.

Додава дека шпицот на бербата се очекува за една недела и тогаш ќе се знае како ќе тече откупот.

Инаку, во Струмичкиот регион годинава се зголемени површините со пролетна зелка за околу 20 отсто во споредба со лани и годинава се очекува принос од 60 илјади тони што е за 10 илјади повеќе од 2021 година.