Во владата сметаат дека поскапувањето на струјата нема да биде над 10 проценти, но крајниот збор треба да го има Регулаторната комисија за енергетика. Претседателот на РЕК Марко Бислимоски вели дека рестрикции не се опција, зашто ќе направат уште поголеми проблеми.

Денеска почнува расплетот по кој ќе се знае за колку ќе поскапи струјата за домаќинствата од Нова година. Државниот производител на струја ЕСМ денеска, на петтиот по ред распишан тендер на ЕВН Хоум, ќе достави понуда за целосно стоотстотно покривање на потрошувачката на струја за првите шест месеци од 2022.

Според информациите што ги објавија дел од домашните медиуми, ЕСМ ќе понуди струја за 41 евра за мегават час, што е за 13,5 отсто поскапа од досегашната, која на ЕВН Хоум му ја продаваше по 36,1 евро.

Над 40 отсто од цената на струјата што ја плаќаат граѓаните зависи од производствената цена на ЕСМ. Во голема мера, цената на струјата за домаќинствата зависи и од трошоците на Електродистрибуција, компанијата во сопственост на ЕВН, која стопанисува со дистрибутивната мрежа, а најмалку од МЕПСО, кој управува со далноводите. Регулаторната комисија може да влијае на цените на МЕПСО и на Електродистрибуција, но не и на производствената цена на ЕСМ, која ја утврдува владата.

Во владата уверуваат дека поскапувањето на струјата нема да биде поголемо од 10 отсто, но сепак крајниот збор ќе го има Регулаторната комисија. Енергетските компании треба да достават пресметки за трошоци, по што регулаторите треба да одлучат колку од тие трошоци ќе им признаат.

Претседателот на РЕК Марко Бислимоски вели дека тие ќе ги намалат или целосно ќе ги укинат маржите или профитите на енергетските компании за поскапувањето на струјата на граѓаните да биде што помало.

Енергетските компании постојано се во фокусот на јавноста поради вработување на роднини на функционери. Бислимоски е дециден дека никакви нови вработувања нема да влијаат на цената на струјата.

„Со одлуката којашто ја донесовме во јуни 2021 година, бројот на вработени во МЕПСО како државна компанија е замрзнат на таа бројка од 2018 година. Значи, никакви нови вработувања не се признаени во цената за пренос на електрична енергија. Ниедно ново вработување што се случувало и што би се случувало не е признаено, така што тоа нема никакво влијание врз цената на електричната енергија. Во Електродистрибуција, бројот на вработени од 2006 година, кога започнал со околу 3500 вработени, денес има околу 1700 вработени“, вели Бислимоски.

Македонија на 9 ноември прогласи енергетска криза. Поради хаварија во РЕК Битола на почетокот на ноември, неколку дена не работеше ниеден од трите блока во најголемиот енергетски комбинат во земјава. Тогаш не работеше ни ТЕЦ Осломеј, затоа што нема јаглен, ни ТЕЦ Неготино, затоа што немаше мазут. Домашна струја се произведуваше во скромните хидроенергетски капацитети, а Македонија беше принудена да увезува струја до 7 пати поскапа од домашно произведената. Владата на енергетските компании им обезбеди 65 милиони евра за покривање на трошоците кои ги направија во изминатиот период.

Тоа ги зголеми стравувањата од можни рестрикции на струја, но Бислимоски уверува дека рестрикции не се опција, зашто нема да го решат проблемот, туку ќе направат уште поголем. Дури тогаш ќе се распадне системот, вели тој.

„Според мене, тоа не е опција поради тоа што снабдувачите коишто ги снабдуваат потрошувачите кои се на слободниот пазар, ако некој им прави рестрикции, таа електрична енергија што ја плаќаат однапред нема да може да ја наплатат од своите потрошувачи. Кај нас негде над 50 проценти од пазарот на електрична енергија е либерализиран и снабдувачите, кога ќе видат дека таа електрична енергија којашто ја платиле нема да можат да ја наплатат, ќе ги раскинат договорите со сите потрошувачи, и таа електрична енергија, наместо во Македонија, ќе заврши во соседните земји, и тек тогаш ќе имаме проблеми“, вели тој.

По набавката на јаглен и мазут, сега во функција е ставена и термоцентралата Осломеј, а од наредната недела и Теремоелектраната ТЕЦ Неготино, а работат и два блока во Рударско Енергетскиот Кп,бонат РЕК Битола. Властите уверуваат дека со тоа ќе бидат задоволени потребите за струја во Македонија.