dogovor rusija saudiska arabijaЦените на нафтата во четвртокот на меѓународните пазари се искачија над нивото од 56 долари, поддржани од извештаите дека клучните членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) почнуваат да го намалуваат производството, а дополнителна поддршка е обезбедена од страна на предвидувањата на силен раст на побарувачката во Кина.

На лондонскиот пазар суровата нафта се зголеми за еден долар во однос на претходното затворање, на 56,20 $. На американскиот пазар нафтата се тргува за 95 центи повисока цена од 53,20 $.

ОПЕК е во фокусот на вниманието, особено конкретните индикации дека членките се подготвуваат да го намалат производството според договореното во ноември. Производството во координација со неколку водечки независни производители, меѓу кои Русија, треба да се намали за некои 1,8 милиони барели на ден со цел да се намали вишокот на пазарот.

Покрај тоа, цените на нафтата се поддржани од веста за рекордната продажбата на автомобили во Кина минатата година. Продадени се 28 милиони автомобили, дури 13,7 проценти повеќе од претходната година.

Државната нафтена компанија на Кина, China National Petroleum Corp (CNPC), проценува дека нето увозот на нафта во Кина оваа година ќе порасне за 5,3 проценти, на 396 милиони тони (околу осум милиони барели дневно), како одраз на поголема потрошувачка на гориво во земјата. Побарувачката за нафта ќе достигне рекордни 594 милиони тони (12 милиони барели дневно), наведуваат од CNPC.