Цената на суровата нафта на светските берзи се стабилизира на најниското ниво во последните шест месеци, како одраз на мешаните податоци од Кина, вклучувајќи го и поголемиот увоз на нафта во јули и пониските вкупни податоци за трговската размена.
На лондонскиот пазар цената на нафтата остана речиси непроменета во однос на затворањето на крајот од минатата недела на 48,42 $. Значителни промени во цената немаше и на пазарот во САД, каде се тргуваше за 43,69 $.
На почетокот на оваа недела, пазарите се фокусирани на податоците од Кина, кои покажаа зголемување од 4,1 проценти на увозот на сурова нафта во јули во однос на претходниот месец, а 8,3 проценти пад на вкупниот извоз. Загрижувачки е податокот за потрошувачките цени во јули кои беа на најниско ниво од крајот на 2009 година.
На почетокот на август, се појавија знаци за заживување на побарувачката за сурова нафта во Азија. Од друга страна, се укажува на прекумерната понуда на нафта, што Ројтерс ја поддржува со податоците дека за септември е планиран најголем утовар на нафта оваа година.
Аналитичарите сметаат дека негативното расположение на пазарот ќе трае се додека понудата не се прилагоди на побарувачката.