Турција го одложи плаќањето на сметката од 600 милиони долари за руски природен гас до 2024 година според договорот со Москва кој предвидува многукратно одложување на таа сума.

Договорот предвидува можност за одложување на плаќањето на повеќе од 4 милијарди долари на рати до 2024 година, изјавиле два извора под услов да останат анонимни. Турција е многу зависна од увоз на енергија, а Русија е нејзин најголем снабдувач.

Договорот за одложување на плаќањата за гас го намалува притисокот врз девизните резерви на Турција, исцрпени од политиката насочена кон зајакнување на лирата и зголемувањето на цените на енергијата.

„Исплатата на 600 милиони долари официјално е одложена за следната година. Голема улога во доцнењето одигра и поскапувањето на енергенсите“, изјавил еден од изворите.

Турција може да го одложи плаќањето на повеќе сметки во наредните месеци, во зависност од трендовите на цената на енергијата, додаде тој. Руските и турските министерства за енергија и енергетските компании Гаспром и Ботас не одговориле на барањето за коментар за одложувањето.

Турскиот министер за енергетика Фатих Донмез минатата недела изјави дека Турција и Москва постигнале договор со кој ѝ дозволува на Анкара да ги одложи плаќањата за енергија до одредена сума, но не навел детали. Сметката за увоз на енергија во Турција минатата година достигна рекордни речиси 100 милијарди долари.

Турците викендов ќе излезат на претседателски избори, а анкетите покажуваат дека претседателот Таип Ердоган би можел да доживее пораз, најмногу поради кризата со трошоците за живот и наглото слабеење на лирата, главно предизвикано од намалувањето на каматните стапки и покрај високата инфлација.