Турција влезе во агресивна продажба и размена на злато во обид да ја стабилизира лирата, при што во периодот од 27 февруари до 27 март од резервите беа повлечени 52 тони. Со тоа, нето-златните резерви паднаа на околу 440 тони, што е најниско ниво во повеќе од две години, а вредноста на операциите се проценува на речиси 20 милијарди долари.
Потегот доаѓа во време на силен притисок врз турската валута и резервите. Според податоците што ги објави Ројтерс, само во една седмица во март турските златни резерви паднале за речиси 50 тони, што е најголем неделен пад во последните седум години. Во истиот период властите интервенирале и со продажба на девизи, што покажува дека Анкара го користи и златото како инструмент за одбрана на финансиската стабилност.
Паралелно со турскиот потег, сè поотворено се гледа и промена во однесувањето на дел од централните банки. Светскиот совет за злато објави дека во февруари Турција била нето-продавач на 8 тони, Русија на 6 тони, додека Полска била најголем купувач со 20 тони. Во исто време, гувернерот на полската централна банка отвори можност дел од добивките од златните резерви да се искористат за одбраната, иако полската влада засега не покажува интерес за таков модел.
Ова значи дека на глобалниот пазар на злато веќе не важи еднонасочната логика според која централните банки само купуваат и трупаат резерви. Дел од нив сега продаваат за да обезбедат ликвидност и да ги бранат валутите, додека други ги користат пониските цени за ново акумулирање. Токму затоа турскиот пример е важен сигнал дека златото повторно станува активна алатка на кризен менаџмент, а не само долгорочна заштита во трезорите.