Вработените во туристичкиот сектор за среда најавија протест поради состојбата во која се наоѓаат поради коронавирусот. Организаторите велат дека се најавени повеќе од 700 учесници.

„Сведоци сте на нашата борба во изминатите пет месеци за опстојување на нашиот сектор поради кризата предизвикана од Ковид-19, како и барањата што во повеќе наврати ги упативме кон сите надлежни институции, Министерство за економија, Министерство за финансии, со цел помош на туристичките агенции, водичи и превозници, но досега останаа неми за нашите апели и ниту еднаш не добивме никаква надеж дека воопшто ќе бидат разгледани“, велат вработените во туристичкиот сектор.

Протестот е најавен за среда, 29 јули, со почеток во 16 часот. Предвидено е учесниците да се движат по одредена рута, а ќе ги следат автобуси.

Почетокот на протестот ќе биде симболично пред „Дрво декор3, местото од каде што некогаш почнуваа реализациите на туристичките тури, а ќе продолжи кон „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „Димитрие Чуповски“, „Васил Главинов“, булеварот ВМРО, булеварот Илинден, па до Владата.

„Овој протест нема никаква политичка зандина и строго се оградуваме од каква било поврзаност. Бидејќи тој се одржува во време на пандемија, уверуваме дека ќе се придржуваме до мерките за заштита, како носење маски и дистанцирање. Само заеднички ќе успееме да се избориме за опстанок на повеќе од 5.000 вработени и повеќе од 300 агенции во целата држава“, се вели во најавата за протестот.