Турската лира денеска падна на ново најниско ниво во однос на американскиот долар, еден ден откако турската Централна банка повторно ја намали референтната каматна стапка и покрај зголемената инфлација.

Падот на лирата ја принуди Централната банка повторно да интервенира со продажба на девизи, по петти пат во последните неколку недели.

Пред денешната интервенција на Централната банка за еден долар можеа да се добијат 17,14 лири. Валутата потоа поврати дел од изгубената вредност, но сепак беше за пет отсто послаба во однос на доларот во споредба со претходниот ден.

Турската лира загуби 55 отсто од вредноста во однос на доларот од почетокот на годинава.