Министерството за економија и труд подготви нацрт-одлука за воведување на училишна кошничка.
„Согласно предлогот, ќе се понуди училишна кошничка со попуст до 15% , а составот и крајната цена на кошничката ќе се разликува од трговец до трговец, во зависност од изборот, квалитетот и брендот на производите “, велат од Министерството за економија.
Според Министерството, за училишна кошничка имало консултациите со трговците на големо и мало кои продаваат училиштен прибор и таа била прифатена како соодветен и практичен модел за намалување на трошоците за родителите пред почетокот на новата учебна година.
„Кошничките ќе бидат јасно означени и поставени на видно место, со прецизно наведен состав и цени на производите. На овој начин, родителите однапред ќе имаат целосна информација за тоа што ќе содржи пакетот и која ќе биде неговата цена“, соопштија од Министерството.
Оттаму објаснуваат дека попустот до 15 проценти ќе се пресметува директно на каса и ќе биде прикажан на фискалната сметка.
Нацрт-одлуката е доставена до Владата и во вторник ќе биде разгледана, по што ќе се донесе одлука за нејзиното усвојување и понатамошно спроведување.