Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потпиша законот со кој ефикасно се легализираат криптовалутите во земјата. Овие промени доаѓаат откако Украина доби донации во криптовалути во вредност од десетици милиони долари од поединци и групи кои се надеваат дека ќе помогнат во воените напори на земјата против Русија, јавуваат светските медиуми.

Предлог-законот потпишан од Зеленски беше одобрен од украинскиот парламент минатиот месец и создаде услови за легален пазар за виртуелни средства во Украина. Ова им овозможува на украинските банки да отвораат сметки за крипто-компании, додека финансиски надзорници над овој сектор ќе бидат Народната банка на Украина и Националната комисија за хартии од вредност.

Во објава споделена на Телеграм, украинскиот вицепремиер и министер за дигитална трансформација, Михаило Федоров, рече дека законот ќе го извади од сенка секторот на криптовалути.

„Со почетокот на војната, криптовалутите станаа моќна алатка за привлекување дополнителни средства за поддршка на воружените сили на Украина. За повеќе од три недели, крипто-фондот на Украина собра повеќе од 54 милиони долари во криптовалути“, напишал Федоров, пренесува „The Verge“.

Криптовалутите играат значајна улога во руско-украинскиот конфликт. Покрај тоа што се главни средства за донации за Украина, се сметаа и за „можен спас“ за Русите погодени од финансиските санкции наметнати од Западот.

Руско-украинската криза доаѓа во време кога креаторите на политики се обидуваат да одлучат како да ги регулираат дигиталните средства. Истакнувањето на криптовалутите во овој конфликт може да влијае на глобалните перцепции за технологијата, вклучително и меѓу владите кои размислуваат за нови регулативи, објави Центарот за стратегиски и меѓународни студии.