Замрзнатите каматни стапки на хипотеките може да им наштетат на плановите за монетарната политика на банката

Централната банка на Унгарија ги зголеми каматните стапки во четвртокот во обид да ја спречи забрзаната инфлација, објави Ројтерс. Сепак, некои аналитичари велат дека мерката на премиерот Виктор Орбан за замрзнување на каматните стапки на хипотеките може да им наштети на напорите на банката.

Во четвртокот финансиската институција ја зголеми стапката на еднонеделните депозити за 20 базични поени на 3,8%.

Во средата, премиерот Виктор Орбан објави дека владата ќе ги замрзне хипотекарните стапки. Мерката ќе стапи на сила во јануари и ќе трае шест месеци за да ги заштити домаќинствата од повисоки трошоци за задолжување.

Минатата недела централната банка ја зголеми основната каматна стапка за 30 базични поени на 2,4%, што е највисоко ниво од мај 2014 година. Финансиската институција потоа вети дека повторно ќе ги зголеми цените на заемите со цел да ги стабилизира инфлациските очекувања.

Каматната стапка на еднонеделните депозити, кои банката ги користи за справување со краткорочната нестабилност на пазарот, веќе е 305 базични поени над нејзиното ниво во јуни 2021 година. Тогаш унгарската централна банка почна да ја заострува својата монетарна политика.

„Изјавата на премиерот Орбан за замрзнување на каматните стапки на хипотеките од октомври до најмалку јуни [2022 година] може значително да ги поткопа напорите … за заострување на монетарните услови“, рече во белешката економистот на Ерсте банка Орсолија Нисте.

Во ноември, унгарската инфлација забрза на 7,4%, највисоко ниво во последните 14 години. Растот на цените е поттикнат од повисоките цени на горивата, алкохолните пијалоци и тутунските производи. Цените на услугите пораснаа за 4,6%.

„И покрај зголемувањето на каматната стапка на еднонеделните депозити за 200 базични поени за нешто повеќе од еден месец, форинтата останува практично непроменета во однос на еврото, што овозможува дополнително неделно затегнување“, велат економистите од Goldman Sachs.

Аналитичарите анкетирани од Ројтерс очекуваат каматната стапка на еднонеделните депозити да се зголеми на 4,3% до крајот на вториот квартал на 2022 година, кога се очекува да истече мерката за цената на хипотеките.

Според економистите во Erste Investment, потегот на каматните стапки на хипотеките, на кој му претходи ограничување на цената на горивото, штети на ефикасноста на монетарната политика, бидејќи должниците ќе избегнат повисоки цени.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одбрение од редакцијата на БанкоМетар.мк