По повеќе од осум години поминати во Управниот одбор, како извршен директор на Универзалната инвестициска Банка АД Скопје, Владислав Хаџидинев одлучи да прифати нови работни предизвици во централата на банката во Бугарија. Тој ќе ја извршува функцијата извршен директор на македонската подружница до 30 јуни, а банката го почна процесот на избор на нов прв човек во земјава.
„По измината речиси една деценија која беше исполнета со многу предизвици, резултатите покажаа исклучително успешен период во работењето на банката. Мојата одлука е професионалната кариера да ја продолжам со прифаќање на нови работни предизвици и обврски во Бугарија. Горд сум што денес УНИ банка се препознава како успешна, динамична и модерна банка, лидер во дигитализацијата и сигурноста, а истовремено општествено одговорна институција. Годините поминати во УНИ банка се меѓу најдобрите во мојата професионална кариера. Бев дел од еден врвен тим на банкарски професионалци на кои им посакувам продолжување на започнатата стратегија и остварување на многу одлични резултати во иднина“, вели Хаџидинев.
„Хаџидинев даде значаен придонес за растот и развојот на банката, за нејзиниот позитивен имиџ и репутација во јавноста, како и одржување на прифатливо ниво на ризик. Му благодариме за досегашниот ангажман и за сето она што го постигна, и му посакуваме успешна кариера и во иднина. Банката во наредниот период ќе објави кој ќе биде наследник на оваа одговорна позиција“, велат од УНИ банка.