Вкупната актива на кредитните институции со седиште во Европската Унија достигна 34,33 трилиони евра на крајот на март 2026 година, што претставува раст од 3,63 отсто во однос на 33,13 трилиони евра во март минатата година, покажуваат најновите консолидирани банкарски податоци објавени од Европската централна банка (ЕЦБ).

Во истиот период, уделот на нефункционални кредити во банките во ЕУ се зголемил за 0,02 процентни поени на годишно ниво и во март изнесувал 1,98 отсто.

Според ЕЦБ, агрегатниот принос на капиталот на кредитните институции во ЕУ изнесувал 2,44 отсто, додека стапката на основен сопствен капитал од највисок квалитет, односно CET1, била 16,27 отсто.

Објавените квартални податоци опфаќаат 335 банкарски групации и 2.284 самостојни кредитни институции, како и подружници и филијали под контрола на субјекти надвор од ЕУ кои работат на европскиот пазар. Според ЕЦБ, податоците покриваат речиси 100 отсто од билансот на банкарскиот сектор во Европската Унија.

Базата содржи показатели за профитабилноста и ефикасноста на банките, структурата на билансите, ликвидноста и финансирањето, квалитетот на активата, капиталната адекватност и солвентноста.

ЕЦБ посочува дека повеќето институции ги применуваат Меѓународните стандарди за финансиско известување и техничките стандарди на Европската банкарска управа, иако дел од малите и средните институции користат национални сметководствени стандарди.

Поради недостапност на податоците за Данска за првиот квартал од 2026 година, при пресметката на агрегатните податоци за ЕУ биле користени податоците од четвртиот квартал од 2025 година, а кај одредени показатели и податоци од првиот квартал од 2025 година.