Има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви, граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, соопшти денеска Владата.

Во нејзиното соопштение се апелира до дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини.

Владата ги повика граѓаните да бидат смирени, затоа што во државата има доволна количина на житарици во стоковните резерви.
Од Министерството за земјоделство велат дека во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта.

Официјалните статистички податоци покажуваат дека во земјава има зголемување на производството на пченица кое од 195 илјади тони во 2017 година, лани е зголемено на 253 илјади тони.
„Владата и во следниот период продолжува со ова темпо на инвестиции во земјоделското производство, сé со единствена цел да обезбедиме сигурност во производството на стратешките земјоделски гранки,“ се вели во владиното соопштение.

Домашното производство на пченица изнесува 253 илјади тони, а годишните потреби за пченица се околу 300 илјади тони, секоја година остатокот на пченица се обезбедува од увоз од Србија. Вкупниот увоз на пченица во 2017 година изнесувал 87 илјади тони, додека во 2021 година е намален и изнесува 74 илјади тони.

Увозот на брашно во 2017 година изнесува 53 илјади тони, додека во 2021 година изнесува 41 илјади тони. Увозот на јачмен во 2017 година изнесува 15 илјади тони, а во 2021 година само 950 тони. Ова значи веќе целосно задоволување на домашните потреби од производство на јачмен.