АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката – Скопје ќе ѝ предложи на Владата намалување на закупнината на деловните простории на Друштвото, и тоа во целиот период на траење на мерките за заштита и превенција од коронавирусот.

На овој начин, велат од АДСДП, закупците на угостителски објекти би плаќале 30 % пониска закупнина на месечно ниво, а сите други 20 % пониска закупнина.

Предлог-мерката беше договорена на состанок меѓу дел од закупците и раководството на Друштвото, а на кој генералниот директор Кристијан Трајковски беше информиран за состојбата и последиците со кои се соочуваат.

Ваквото олеснување ќе може да го користат само клиентите што ќе ги намират финансиските обврски, односно да не должат закупнина повеќе од три месеци, а правото ќе може да го остварат и сите идни закупци што ќе склучат договор за користење деловен простор во сопственост на АДСДП.