Фондот за осигурување на депозити, кој досега беше задолжен да им ги исплати осигурените заштеди на граѓаните доколку пропадне некоја банка, ќе добие и нова задача. Тој ќе управува и со посебен Фонд за решавање банки, од кој ќе можат да се користат пари за справување со банки кои западнале во сериозни финансиски проблеми.

Ова го предвидуваат измените на Законот за Фондот за осигурување на депозити, кои Владата ги утврди на 13 октомври и ги достави до Собранието.

Што значи ова во пракса?

Според предложените измени, постојната институција ќе управува со два одделни фонда, секој со различна намена.

Првиот е Фондот за заштита на депозити, од кој се исплаќаат парите на граѓаните доколку пропадне банка во која имаат заштеди или средства на сметка. На пример, ако граѓанин има 5.000 евра во банка која пропаднала, преку овој фонд ќе може да си ги добие осигурените пари назад.

Вториот е Фондот за решавање банки, кој ќе служи за справување со банките што западнале во сериозни проблеми. Целта е да има средства со кои ќе може навреме да се интервенира и да се спречат поголеми последици за граѓаните и банкарскиот систем.

Со други зборови, истата институција ќе управува со два фонда, но средствата ќе се водат одделно и ќе имаат различна намена.

Фондот за решавање банки веќе беше предвиден со посебен закон донесен во 2023 година. Со сегашните измени дополнително се уредува управувањето со него и неговата поврзаност со постојниот Фонд за осигурување на депозити.

Според законските правила, парите за решавање банки се обезбедуваат преку годишни уплати од банките, а предвидени се и дополнителни уплати и други начини на финансирање доколку се појави потреба.

Како ќе се решаваат проблематичните банки?

На пример, доколку некоја банка западне во толку сериозни финансиски проблеми што повеќе не може нормално да работи, надлежните институции ќе можат да преземат мерки за организирано решавање на ситуацијата.

Тоа може да подразбира продажба на дел од работењето на банката, префрлање на одредени средства и обврски во друга банка или други мерки со кои би се овозможило важните банкарски услуги да продолжат да функционираат.

За спроведување на ваквите мерки ќе можат да се користат средства од посебниот фонд, а одлуките за нивното користење ќе ги носи Народната банка.

Во предлог-законот е наведено

„Средствата на Фондот за решавање банки се користат исклучиво за целите пропишани со Законот за решавање банки. Фондот управува со Фондот за решавање банки во согласност со овој закон, имајќи ги предвид барањата од Законот за решавање банки.“

Важна новина е и тоа што средствата од Фондот за заштита на депозити, кои досега беа наменети за обесштетување на граѓаните и за трошоците на неговото работење, ќе можат под посебни законски услови да се користат и за финансирање на решавањето проблематични банки.

На овој начин државата сака да обезбеди повеќе можности за навремено справување со банкарски проблеми, пред тие да предизвикаат пошироки последици.

Се воведува и рок од пет години за подигнување на парите

Покрај новите правила за проблематичните банки, Владата предлага и промена која директно ќе ги засега граѓаните кои имаат пари во банка што пропаднала.

Досега Законот за Фондот за осигурување на депозити не предвидуваше ваков краен рок за исплата на обесштетувањето. Со новите измени се предлага рок од пет години, сметано од конечноста на решението за одземање на дозволата на банката.

„Обврската на Фондот за исплата на обесштетување престанува во рок од пет години од денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 од овој закон. Неподигнатите средства за обесштетување, со исклучок на средствата кои се со право на наследство, се пренесуваат во средствата на Фондот за заштита на депозити.“

Ова значи дека ако граѓанин има, на пример, 5.000 евра во банка која пропаднала, ќе има пет години да го подигне обесштетувањето. По истекот на тој рок, Фондот повеќе нема да има обврска да му ги исплати парите, со исклучокот предвиден за наследување.

 

Колку пари останале неподигнати покажува годишниот извештај на Фондот за осигурување на депозити за 2023 година. Според податоците, заклучно со 31 декември 2023 година, кај пропаднатите банки и штедилници останале неисплатени вкупно 8,27 милиони евра за 226.192 депоненти. Најголемиот дел од овие средства се однесува на „Еуростандард банка“, каде што останале неподигнати околу 5,86 милиони евра за 124.296 депоненти, и на „Македонска банка“, со околу 2,27 милиони евра за 96.812 депоненти. Останатите средства се однесуваат на други пропаднати банки и штедилници. Од Фондот посочуваат дека голем дел од неподигнатите обесштетувања кај „Еуростандард банка“ се однесуваат на многу мали износи.

 

Максималниот износ што се осигурува останува непроменет, односно до 30.000 евра по лице во една банка.

Предложените измени треба да ја поминат собраниската процедура пред да стапат во сила.