Владата ги усвои измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година, со кои се направени нови финансиски проекции според актуелните економски услови и се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информираше дека ребалансот е подготвен во период на глобални економски предизвици, промени на енергетските пазари и геополитички тензии, но домашната економија, според неа, продолжува да покажува стабилност.

Со новите пресметки, буџетските приходи се планирани на 379,2 милијарди денари, додека расходите се зголемуваат на 425,2 милијарди денари.

Дополнителните средства ќе бидат насочени кон повеќе области – земјоделски субвенции, железничкиот транспорт, спортот, образованието, студентскиот стандард и мерки за поддршка на ранливите категории граѓани.

Посебен акцент е ставен на капиталните инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари, што е зголемување од 5,8 милијарди денари во однос на првичниот план.

Средствата ќе се вложуваат во големи инфраструктурни проекти, меѓу кои изградба на делници од Коридорите 8 и 10-д, автопатот Скопје-Блаце, железничката инфраструктура, водоводни и канализациски системи, енергетска ефикасност, како и реконструкција на училишта и студентски домови.

Со ребалансот се предвидува и поголема поддршка за општините преку инвестиции во локални патишта, комунална инфраструктура, спортски и образовни објекти.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,1 милијарди денари, односно 4,1 отсто од БДП. Според образложението, неговото зголемување најмногу е поврзано со растот на капиталните расходи и инвестициите.

За финансирање на дефицитот и отплата на обврските, предвидено е обезбедување средства од 76,4 милијарди денари преку домашно и странско задолжување.