За да им се намалат сметките за струја на граѓаните Владата утре ќе одлучува дали ќе го прифати предлогот да се намали ДДВ на електричната енергија од 18 на пет отсто а во пресрет на одлуката што треба да ја донесе РКЕ за зголемување на цената на струјата.

Сепак ова ќе важи само за првата година затоа што, како што изјави денеска минисерот за финансии Фатмир Бесими,  втората година ДДВ ќе се зголеми од пет на десет отсто  за по три години повторно данокот на струја да се врати на старите 18 проценти од сметките. Бесими очекува ова да почне да важи од први јули годинава.

А реакциите на транспортерите дека ќе се зголемат целокупните трошоци за живот не ја премисилија Владата ниту во однос на воведувањето на еколошката такса за горивата, точка на дневен ред што исто така ќе се најде утре на маса пред Владата. Бесими вели дека тоа нема да влијае врз зголемувањето на инфлацијата која со ребалансот на Буџетот ќе биде 2,1 отсто.

Во меѓувреме од ноќеска на полноќ поскапуваат горивата. РКЕ денеска одлучи да ја зголеми цената на бензините за еден денар а на дизелот за половина. Така ЕУРОСУПЕР-95 ќе се продава за 69,5 денари а ЕУРОСУПЕР-98 ја надмина бројката од 70 и ќе се продава за 71,5 денар за литар. Екстра лесното масло за домаќинство и Дизелот ќе чинат по 62 денари за литар а Мазутот ќе се продава за 36 денари.