Голем дел од производите во маркетите последниве неколку дена драстично поскапеа. Повисоки цени во малопродажбата граѓаните забележале пред сè на домашните производи, во некои случаи дури и за дополнителни десетина денари. Освен на прехранбените, поскапени се и дезинфекциските и средствата за лична хигиена. Поголемиот дел од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека во последниве два месеци поскапено е сè, но оваа недела најмногу домашните производи. Тоа коинцидира со делењето на платежните картички од Владата за купување токму домашни производи.

„Ауу, тие се драстично покачени, дури се зачудив. Кашкавалот никогаш не бил толку скап како што е сега. Порано нон-стоп сум го купувала, сега не можам да си дозволам…“

„Како што гледам цените се исти на долг период, дури има и акции по некои маркети, мислам дека добри се цените…“

„Кажуваат дека ги качиле пензиите 1.800 денари, а не кажуваат колку се поскапени цените и колку е паднат стандардот“, реагираат граѓаните.

Во меѓувреме, во банките се делат владините платежни картички за помош на посиромашните поради корона-кризата, а во кои има 3.000 или 9.000 денари, но и бонуси за медицинскиот персонал.

Информациите од Министерството за финансии се дека досега се поделени 55 илјади картички. Според најавите, очекувањата се дека до крајот на неделава 100 илјади граѓани ќе добијат платежна картичка со која ќе може да купуваат домашни производи.

Освен што поскапувањето доаѓа во време на делењето на владините платежни картички, тоа се случува и по укинувањето на вонредната состојба во земјава. Додека таа беше во сила, владата замрзна дел од цените на основните прехранбени производи.