Внимателно со трошењето на народните пари и зголемувањата на платите и пензиите. Академиците со порака до идната влада –приоритет да биде намалување на дефицит, затоа што буџетот е во тешка состојба.

Мора да се внимава на што се троши секој денар, но и да не се подгрее инфлацијата

– Ако има фискална недисциплина и ако буџетот троши многу, нема централна банка што може да ја спречи инфлацијата. Ние тука, имаме проблем – големи буџетски дефицити поради кризата, големи трошења, зголемување на просечната и минималната плата надвор од движењата на продуктивноста, голема увозна зависност и поголема инфлација во однос на земјите од регионот, изјави академик Таки Фити.

Согласно Мастришките критериуми и законот за буџети, јавниот долг не смее да надмине 60% од БДП. Но границата веќе е пробиена, сега се поставува прашањето дали е одржлив, дали и колку се почитуваат  донесените правилата и дали има контрола како се трошат буџетските средства.

За успешна економија мора да продолжат реформите, евроинтегративните процеси, но и справување со сивата економија, каде има огромен потенцијал за зголемување на буџетските приходи. Така, смета Фити, Владата полесно ќе може да управува со фискалната политика, која секогаш мора да биде во координација со монетарната.