ПАРИ АНАЛИЗА (АПТЕКИ) | Корона кризата, болните од Ковид, паниката кај граѓаните им ги наполнија сметките на аптеките. Едно четирчилено семејство заболено од Ковид кое се лечеше во домашни услови трошеше најмалку 500-ини евра за лекови. Граѓаните ги полнеа своите полици со разно разни витамини, антибиотици како резерва и се што сметаа дека би им помогнало полесно да го поминат вирусот. Од друга страна сопствениците на аптеките ги броеја профити од продажбата на лекови.

Според податоците на порталот Пари во соработка со бизнис платформата БизнисМрежа.мк она што е за одбележување е што во листата на ТОП 10 аптеки кои оствариле најголем приход минатата година, сите без исклучок оствариле поголем приход од 2019 година.  И кај добивката ситуацијата е слична, сите тие ја завршиле годината со зголемен профит освен последната кај што има мал пад.

Вкупно 10-те најголеми аптеки во земјава минатата година на сметка генерирале вкупен приход од 131 милион евра и добивка од 2,1 милион евра.

Она што е за одбележување на листата е што аптеките Зегин фарм и Моја аптека биле најуспешни минатата година, првата според приход, втората по добивка. Овие две аптеки ги поврзува уште една работа, а тоа е што имаат ист сопственик, сестрите Механџиски, Викторија Механџиска и Христина Механџиска-Георгиевска.

Апсолутен лидер на пазарот е Зегин фарм која од продажба на лекови остварила  забележителн приход од 49,5 милиони евра. Истовремено ја зголемила добивката за дури 18 пати. Или во апсолутни бројки Зегин фарм во 2019 имал добивка од 1,074, 312 денари или 17,468 евра. Во 2020 година пак оваа компанија заработила 18,381,419 денари или 298,884 евра. Или во проценти профитот на Зегин фарма пораснал за фантастични 1.610 проценти.

Втора по големина според приход била битолската Еурофарм. Аптеката продуцирала одличен приход во висина од 34,9 милиони евра. Раст забележала кај приходот и кај профитот. Сепак во бројки добивката на оваа аптека и не е многу богата. Еурофарм заработила лани само 2,932 евра, но позитивно е што остварила пораст од 3,55%.

Моја Аптека– кај приходот забележала раст од 24,87 проценти, но она што е за потенцирање е растот кај добивката. Компанијата во 2019 имала добивка од 50,064 евра. Но, во 2020 дефинитивно направила бум во профитот остварувајќи раст од 973 проценти. Или Моја аптека е аптеката која што лани имала наголема заработка меѓу десетте најголеми и таа изнесува над половина милион евра (537,563евра).

Четврта на листа е Алпи Фарм, со приход од 4,1 милион евра и добивка од 175 илјади евра, оваа скопска аптека одлично работела лани.

Слична заработка има и аптеката Виола. Со 4 милиони евра приход и профит 188 илјади евра.

Жива фарм, Бле медика од Тетово, Херба-Скопје, Виа фарм Вевчани и Мента фарм од Прилеп се останатите пет аптеки кои најмногу ќарија од продажбата на лекови во здравствената криза. Нивните заработки подетално може да ги погледнете во табелата:

Според бројот на подружници Зегин фарм е застапена со 77. Бројот на вработени лани во зегин аптеките изнесувал  562. Аптека која функционира со најголем број подружници во земјава дефинитивно е Еурофарм. Битолската компанија брои 123 подружници и има 467 вработени.

Третата по големина е Моја аптека има 80 подружници и вработува 351 работник. Останатите аптеки бројат под 14 подружници и под 50 вработени.