На средбата на лидерите на американската централна банка, која ќе се одржи овој четврток, ќе се одлучува за висината на референтните каматни стапки. Каматните стапки во САД веќе седум години се на најниско можно ниво во историјата па задолжувањето на граѓаните и компаниите е многу евтино.
Меѓу инвеститорите на финансиските пазари но и економисти во институции како ММФ постои страв дека глобалната економија не е подготвена за зголемување на каматните стапки. Всушност, во поголемиот дел од светот каматните стапки се премногу ниски, или во тренд на опаѓање, па порастот на каматните стапки во САД ќе предизвика масивни трансфери на капитал од остатокот од светот во САД со што би можело да се дестабилизираат финансиските системи во земјите во развој.
Нешто слично се случи во Турција откако во САД заврши програмата за вбризгување на пари во финансискиот систем но и во Русија по конфликтот во Украина, па централните банки на наведените земји мораа да интенвернираат со цел да се спречи паника и ненадејно слабеење на сопствената валута.
Друга последица од зголемувањето на каматните стапки во САД веројатно ќе биде новиот бран на јакнење на американскиот долар во однос на повеќето други валути.
Мислења на аналитичарите
Иако во првата половина од годината се сметаше дека централната банка на САД на овој состанок ќе донесе одлука за првото подигнување на каматните стапки, сега поголемиот дел од учесниците на пазарот сметаат дека веројатноста за ваквата одлука на овој состанок изнесува приближно 30% и дека најверојатно ќе се чека состанокот кој ќе се одржи во декември.
Аналитичарите на Admiral Markets, исто така, сметаат дека тоа е најверојатното сценарио бидејќи стапката на инфлација се уште не започна нагло да расте, а се појавија и економските проблеми во Кина кои може да влијаат на остатокот од светот, па централната банка на САД веројатно ќе сака да причека малку повеќе како би го виделе развојот на ситуацијата.
Без оглед на одлуката во четврток можни се големи и ненадејни промени на сите финансиски пазари па во првите минути по објавувањето на веста девизниот курс на американскиот долар во однос на еврото може да се промени за 1 до 2%.
Ако станува збор за зголемување на каматните стапки, во следните неколку месеци американскиот долар може да зајакне за 5 до 10% во однос на еврото па во следната година може накратко да стане посилен од еврото, а ако се одложи зголемувањето на каматните стапки доларот веројатно ќе ослабне неколку проценти од сегашното ниво и да почне да се зголемува непосредно пред следниот состанок на американската централна банка.