Инфлацијата во еврозоната се намали помалку од очекуваното во февруари, зголемувајќи ја веројатноста дека Европската централна банка ќе почека до летото пред да ги намали каматните стапки.

Инфлацијата падна на 2,6 отсто од 2,8 отсто во јануари, покажаа прелиминарните податоци на Евростат, а аналитичарите очекуваа таа да се намали на 2,5 отсто, пренесува „Политико“.

Се чинеше дека ценовните притисоци останаа, и покрај привремените знаци на подобрување. Исклучувајќи ги понестабилните елементи, како што се храната, алкохолот, тутунот и енергијата, инфлацијата забави на 3,1 отсто од 3,3 во јануари, но беше и над прогнозата од 2,9 отсто.

Податоците ќе ја зајакнат позицијата на аналитичарите на Европската централна банка, кои рекоа дека е рано да се почне да се зборува за намалување на каматните стапки. Гувернерот на австриската народна банка Роберт Холцман изјави за „Политико“ дека за тоа нема да се разговара пред јуни.