Пред неколку децении, јајцата од кокошка воопшто не беа сортирани по боја на лушпата, а белите често беа исклучок.

На европскиот пазар, а особено во Германија, денес е спротивно.

Класичните јајца со кафеава лушпа се сè помалку достапни за продажба, а наскоро можеби и повеќе нема да ги има, изјави за „Дојче веле“ Хенер Шонеке, претседател на Здружението на германски производители на јајца.

Како што појасни, навиките на потрошувачите се менувале од година во година, постарите домаќинки претпочитале да се одлучат за јајца со традиционална боја на лушпа и „вистински“ вкус, додека белите од почетокот им изгледале „вештачки“.

Тоа, вели Шонеке, е целосна предрасуда бидејќи ниту најголемиот експерт не би можел да го разликува вкусот на јајцата од кокошка „без разлика дали се големи, мали, бели или кафеави“.