Шведскиот сопственик на фабриката за подни облоги „Перваново инвест АБ“ во Огулин ја гради најмодерната фабрика за подни облоги во светот, вредна 200 милиони евра.

До 2027 година, кога Огулин 2 ќе биде целосно оперативен, тоа ќе биде најголемата фабрика за дрвени подови во светот, објави компанијата Бјелин Хрватска, пренесува Индекс.хр.

Новата фабрика Огулин 2 се гради веднаш до постојната фабрика за паркет Огулин 1 и ќе има производствен капацитет од повеќе од 20 милиони квадратни метри подни облоги годишно. Вкупниот годишен обем на производство на подови во Викен и Огулин 2 во 2027 година ќе изнесува 30 милиони квадратни метри, пишува Хина, пренесува хрватскиот портал.

Новата фабрика се гради на 330.000 квадратни метри, лоцирана покрај автопатот Загреб-Сплит. Вкупната површина на фабриката е 100.000 квадратни метри, а инвестициите во земјиште, згради, инсталации и машини се проценуваат на 200 милиони евра во капитални трошоци, главно финансирани со сопствен капитал.

Во високотехнолошката и автоматизирана фабрика Огулин 2, подовите ќе бидат изработени од дрвен прав, влакна со висока густина и фурнир. Суровините потребни за производство најмногу ќе се добиваат од отпад од дрво од фабриките на Бјелин лоцирани во Огулин, Бјеловар и Оток.

Притискањето, профилирањето, завршувањето на површината и пакувањето на подот се одвиваат во автоматизирани производни процеси, исто така развиени од Välinge Innovation.

Извршниот директор на „Перваново инвест АБ“ Дарко Перван е задоволен што неговата компанија, по десет години високи трошоци за развој, е подготвена да го зголеми производството засновано на дрвен прав и да ја претстави следната генерација на дрвени подови – закоравено дрво, чие производство е економично и еколошки.