Студентите од сите години стручни студии од областа на мехатроника, компјутерски науки и здравствена заштита во Бјеловар можат да ги плаќаат своите школарини во криптовалути.

Ваквата новина, веќе реализирана во пракса и понудена на студентите, му овозможи на Универзитетот за применети науки во Бјеловар да стане првата високообразовна институција во Хрватска што прифати и воведе ваков начин на плаќање на школарина, пренесува порталот SEEbiz.

За хрватското високо образование, ова е несомнено чекор напред, и е резултат на редовна комуникација со студенти, но идејата се појави по воведувањето на изборен курс што им беше понуден на студентите по компјутерски науки во оваа институција пред три години.

„Универзитетот во Бјеловар секогаш ги следи трендовите, вклучително и блокчејн технологијата. Оваа технологија е слична на нашите компјутерски студии. Воведовме изборен предмет Апликација на блокчејн технологија пред три години, а нашите студенти се воодушевени од тој предмет “, рече Зоран Врховски, продекан за настава и студенти, кој е и раководител на основните стручни студии на мехатроника.

Како што нагласи, тие имаат отворена комуникација со студентите на Политехниката. Што ги мотивираше да им понудат на своите студенти нешто ново и поразлично?
„Ние комуницираме со нашите студенти користејќи ја платформата Дискорд, на која имаме крипто-канал. Нашите студенти по компјутерски науки и мехатроника се многу активни на тој канал, а исто така и некои од нив поседуваат криптовалути, па можат да плаќаат школарина во криптовалути. Сето тоа беше мотивација да понудиме нешто поразлично “, рече Врховски за Вечерњи лист.

Студентите имаат избор – школарината може да се плати во криптовалути биткоин, етериум, диа, ЕОС, стелар, рипл и биткоин-кеш.