Во Охрид преку Подмоље ќе треба да може да се вози најрано на 10 јули

2023-06-16 17:15

До 10 јули ќе биде приспособена оваа трака и ќе се вози повторно по оваа автопатска делница. Сметам дека ударниот дел од туристичката сезона оваа траса ќе биде приспособена, изјави денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски по посетата на изградбата на автопатот Кичево-Охрид кај делницата Подмоље заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

„Очекувам по тоа што го разговаравме до 10 јули да завршат градежните активности во овој дел, да започнеме потоа со последната фаза, со поставување еластични огради и одобрување на времениот режим. Она што е важно е дека до 10 јули ќе биде приспособена оваа трака и ќе се вози повторно по оваа автопатска делница. Сметам дека за ударниот дел од туристичката сезона оваа траса ќе биде приспособена, рече Бочварски.

Тој нагласи дека се што се работи е во насока на развој на туризмот во Охрид и верува дека граѓаните ќе имаат разбирање и ќе дадат поддршка затоа што после овие градежни работи влезот во Охрид ќе биде со автопатско решение.

„Главната  поддршка за реализација на овој проект треба да дојде токму од Општина Охрид. Ние како Влада сме реализирале многу проекти во Охрид независно која политичка партија е на власт, најголемиот проект во мандатот на сегашниот градоначалник на Охрид е улицата „Македонски просветители“ што е инвестиција на Минситерството за транспорт и врски и на Владата. Не видов тогаш коментар од градоначалникот дека со реализацијата на тој проект се подобруваат условите за развој на туризмот, а сега кога излегуваме на терен со механизација да го решиме проблемот затекнат од минатото, гледам коментари и критики во јавноста. Сметам дека е некоректно, поддршката треба да дојде пред се од градоначалникот, општината и граѓаните“, рече Бочварски.

Тој потсети дека реализирани биле бројни координации, состаноци со 15 институции за да се решат сите проблеми во проектот на автопатот Охрид – Кичево, да се репроектират косините, да се проектираат клучките, да се решат сите експропријации…за конечно повторно да се работи на овој проект.

„Оние кои го направиле проблемот во минатото со отпочнување на изградбата на овој автопат на таков начин, сега критикуваат. Сметам дека ние сме тие кои ги решиле проблемите и сме тука да направиме увид, да направиме дополнителен притисок со цел градежната механизација да продолжи со работа и да се пушти автопатот за сообраќај“, рече Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми истакна дека на трасата се работи етапно чекор по чекор, проблемите на трасата се надминати, останува изведувачите и подизведувачите да ги завршат градежните активности согласно предвидената динамика и утврдените рокови.

„Често сме на терен, вложуваме големи напори да се почитува договорот до 31 оваа година да биде завршен автопатот“, рече Рустеми.