Многу работодавачи во текстилната индустрија ги прекршиле правата на работниците е заедничкиот заклучок на Здружението „Гласен текстилец“ и на Државниот трудов инспекторат на денешната панел дискусија „Предизвиците на текстилната индустрија, пред и по кризата со ковид-19“.

– Откако почна кризата, во 2020, први на удар беа жените, особено во текстилната индустрија како трудоинтензивна гранка со мали примања. Кршења на права имаше во однос на користењето на мерките наменети за хронично болните, мајките на децата до 10 години, бремените жени. потоа имаше хаос со договорите за вработувања, неисплаќање на минимална плата. Ние имавме одлична соработка со Трудовиот инспекторат, но ако една институција си ја врши работата, а другите не го прават тоа, не може да очекувате голема заштита – вели Кристина Ампева, извршна директорка на „Гласен текстилец“.

На новинарското прашање кои институции најмалку одговориле на задачата, таа одговори со примери.

– Ние имаме поведено кривична постапка, која стои во јавното обвинителство во Делчево и не се процесира од ноември минатата година. Многу требаше да зборуваме, се пропушти голем период за да конечно од ноември забележуваме координирана акција со УЈП. Исто, и во ЈО во Скопје стојат случаите. Не гледам нешто дека е процесирано во однос на злоупотреба на државната помош – вели Ампева.

Директорката на Државниот трудов инспекторат Јована Тренчевска вели дека изминатиот период биле интензивно на терен.

– Најчесто работниците доставуваа претставки за неисплатена минимална плата, додатоци за плата, регрес за годишен одмор, раскинување договори за вработување без нивна волја.  Се изрекуваа инспекциски мерки и во најголем дел, работодавачите ги почитуваа и постапуваа по издадените решенија – рече Тренчевска.

Љупчо Радевски, претседател на Синдикатот на текстилна, кожарска и чевларска индустрија при Сојузот на синдикати, вели дека Синдикатот како социјален партнер со работодавачите и Владата, се залага договорите за работа на одредено време да бидат најмногу до една година во новиот Закон за работни односи.

– Ако некој се покаже дека е добар една година, нема што да го држите во недоглед на определено време. Сега со законот е можно 5 години, но се случуваше и по истекот на 5 години да се смени работното место и така работникот да биде пак на определено време – вели Радевски.

Текстилната индустрија е гранката што секогаш ни носеше поголем извоз од увоз, но минатата година не била таква, покажува анализата на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ). Во текот на 2020 година увозот би поголем од извозот за дури 958 милиони денари (15,6 милиони евра).

Анализата покажува и дека многу голем дел од парите за субвенции на плати одат токму во овој сектор. Така, само од третиот пакет, 14 отсто од парите за субвенции се слеани во текстилната индустрија.

– Правевме и анализа на пазарот на труд. Откривме дека платите во текстилната индустрија драстично се зголемуваат, но и дека невработеноста ненормално се зголемува, дури за 128 проценти во текот на минатата година.  Оние што се пониско платени работници во текстилната индустрија ја губат својата работа и тоа на крајот од денот доведува до зголемување на платите во текстилната индустрија – вели истражувачот во ЗМАИ Виктор Стојкоски.

Тој вели и дека еден од заклучоците на истражувањето е и тоа дека проблемите во текстилната индустрија постоеле и пред кризата, но со пандемијата станале понагласени и дека и во иднина еден од главните предизвици ќе остане обезбедување квалификувана работна сила.