Досега не им е исплатена платата за месеците март и април а за неколку дена би требало да ја добијат платата за мај. Вработените изразија разочарување!

Иако официјално штрајкуваат, на работа одат без да ги завршат работните обврски, а од синдикатот велат дека не можат да одат на лекар бидејќи немаат здравствено осигурување.

„Ова е катастрофа. Во технички штрајк сме, сметката ни е блокирана“, вели претседателот на синдикатот на „Македонски шуми“, Мите Сакалиев.

Во шумите на Македонија се вработени 1.800 лица, кои земаат просечна плата од 25.000 денари. Од синдикатот велат дека до сега доцни исплатата, но првпат се чека толку долго.

Првиот протест оваа година беше во март за неисплатена јануарска плата. Вториот средината на април за неисплатена февруарска и мартовска плата. По десетина дена ја добиле февруарската, а за останатите – се чека.