Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на новогодишната прес-конференција изјави дека основните цели на државата се -мир, здравје и борба против коронавирусот, инвестирање во здравствениот систем и подобрување на животниот стандард.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ зборувајќи за целите на Србија, кажа дека првиот е мирот, како втора најважна цел ја означи грижата за здравјето на граѓаните и како да се победи короната и како да се подобри здравствен систем.

Третата цел се однесува на натамошното подобрување на животниот стандард, преку инвестиции во почист воздух, зголемување на платите и пензиите, изградба на подобри патишта, железници и посилна армија и полиција.

Вучиќ изјави дека следната година стапката на економски раст ќе биде шест отсто, а вкупниот јавен долг ќе биде под 60 проценти.

-Нашите планови се амбициозни и големи. Целта е просечните плати да достигнат ниво меѓу 560 и 570 евра пред крајот на оваа година, со тоа што во Белград тоа би било 690, до 700 евра, кажа Вучиќ.

Растот на платите од 1 јануари за здравствените работници ќе биде пет проценти, за другите 3,5 до пет отсто, а за војската таа ќе се зголеми за дополнителни 10 отсто затоа што сакаме да ги задржиме луѓето во армијата, кажа српскиот претседател .

-Целта е пензиите пред крајот на 2021 година да бидат 270 евра, а со последното покачување ќе достигнеме околу 250 евра, верувам дека со овој раст ќе можеме да одиме на просечна пензија од 270 евра, кажа Вучиќ.

Кога станува збор за вакцинациите, тој посочи дека во јануари во Србија ќе пристигнат 77.000 дози од вакцината Фајзер, кои ќе пристигнуваат на секои седум дена.

Тој изјави дека Србија преговара и со други производители. Според него, одговорот од Модерна е дека првите дози можат да бидат доставени на крајот на следната година, и дека Србија контактирала и со Астра Зенека и Џонсон Џонсон, како и дека првата испорака на руски вакцини се очекува пред крајот на годината за постарите граѓани и здравствените работници .

Тој додаде дека во јануари ќе започне вакцинирањето на луѓето кои работат во ковид системот.

Како што изјави, Србија е во преговори и со кинескиот Синофарм во врска со набавката на вакцини против коронавирус, а исто така очекува и дел од вакцините од Ковакс програмата.