Германската централна банка во средата објави дека за прв пат од 1979 година нема да и исплаќа профит на владата поради повисоките резервации за ризици за време на корона кризата и повисоките каматни трошоци.

„Кризните мерки на монетарната политика во кризата „забележително“ влијаеја на билансот на состојба”, се вели во соопштението на „Бундесбанк”. Во претходната година, банката и исплати 5,9 милијарди евра профит на Владата. Редовно се плаќаше од воведувањето на еврото во 1999 година, а беше највисоко во 2001 година, кога надмина 11,2 милијарди евра, пренесува „Reuters“.

Во годината додека трае пандемијата на вирусот КОВИД-19, „Бундесбанк” беше принудена да ги зголеми резервите за ризик за 2,4 милијарди евра, на 18,8 милијарди евра.

„Повисокото ниво на одредби за ризик е главната причина зошто Бундесбанк објавува избалансиран годишен резултат за 2020 година и не дистрибуира профит за прв пат од 1979 година“, изјави гувернерот Јенс Вајдман на прес-конференција. „Резервациите дополнително ќе се зголемат тековната година, првенствено затоа што ситуацијата со ризиците веројатно нема да се промени значително“, додаде Вајдман.

Резултатот во 2020 година беше исто така под притисок на повисоките трошоци за камати, поради поволните каматни стапки кои обезбедуваат финансирање на комерцијални кредитори. Приходот од камата на централната банка падна. „Бундесбанк” има и учество во профитот на Европската централна банка (ЕЦБ), но ќе добие нешто повеќе од 1,6 милијарди евра, значително помалку отколку во претходната година, кога и беа исплатени 2,4 милијарди евра.

ЕЦБ го дистрибуира вишокот на централните банки на 19 членки во еврозоната, а „Бундесбанк” има најголемо учество, околу 26 проценти, во согласност со учеството на платениот капитал, пренесува агенцијата „DPA“.

Особено загрижувачки е фактот што во 2020 година, Германија забележа буџетски дефицит од 4,2 проценти од БДП, нешто што долго време и се нема случено на најсилната и најмоќна европска економија.