„Ние не ги делиме општините на големи и мали, важни и неважни, ниту ги делиме луѓето на „големи и мали – важни и неважни“, и тоа го покажавме на дело, порача во рамките на Караванот „Најдоброто за мојата општина“, претседателот на СДСМ Зоран Заев, вечерва од Свети Николе.

Заев нагласи дека за СДСМ и Коалицијата сите се важни.

Земјоделците ни се важни, ги алоциравме субвенциите и секој пат кога е потребно дополнително интервенираме од буџетот, работниците ни се важни, ги покачивме платите и ги мотивиравме компаниите да ги зголемуваат платите, а државата ги плаќа придонесите, порача Заев.

Тој истакна дека минималната плата е покачена од 9.000 на 15.000 денари, просечната плата изнесува 28.744 денари, сите плати за само 4 години се покачени за најмалку 100 евра, а истовремено стапката на невработеност падна на историски најниска стапка од 15,9 отсто.

Од 1 јануари 2022 година, просечната плата ќе биде 500 евра, минималната плата 300 евра. Работиме оние кои немаат работа – да најдат работа, работиме за да овозможиме на младите да се вработат и да земаат убави плати, работиме за да овозможиме постојан раст на пензиите, кај кои од први јануари ќе има видливо покачување, големо, порача Заев.

„Наша цел е „мојата општина“ да помага на сите, градоначалникот на Свети Николе Сашо Велковски има идеја и има знаење како да го донесе „Најдоброто“ во Свети Николе, а тоа е Европа во вашите маала и затоа ве повикувам да му ја дадеме довербата на Сашо Велковски, за нов градоначалнички мандат во Општината Свети Николе“, повика претседателот на СДСМ Зоран Заев.