Обезбедивме поддршка за да се зачуваат илјадници работни места и илјадници вредни работници редовно да земаат повисоки плати и минималец повисок за 6.000 денари. Ова го истакна претседателот на Владата, Зоран Заев со видео обраќање по повод Меѓународниот ден на трудот – 1-ви Мај.

„На прво место на економските приоритети на Владата, уште од почетокот на пандемијата беше македонскиот работник“, вели Заев во обраќањето.

Премиерот е задоволен што преку заеднички консултации и со фирмите и со синдикатите, Владата успеала да ги задржи работните ангажмани на многу работници и на тој  начин да ја одржи економијата жива и динамична. Со тоа, како што вели Заев, уште еднаш се докажа дека работниците се движечката сила на економијата и на развојот на нашето општество.

„И покрај ударот од глобалната Ковид криза, платите продолжија да растат – и ќе растат понатаму. За неполни четири години минималната плата ја донесовме од 9.000 до над 15.000 денари. Тоа е повеќе од 6.000 денари месечно по лице, или 72.000 денари повеќе за секој работник годишно. И ќе расте. Платите особено пораснаа во здравството, образованието, но и во армијата, во полицијата и во социјалниот сектор. А со субвенциите за придонеси на фирмите, околу 200.000 вработени во реалниот сектор добија поголеми плати. Историската неправда кон стечајните работници се реши за околу 12.000 лица кои добиваат месечен надоместок од 8.000 денари до нивното пензионирање“, додава Заев.

Оценува дека економско-социјалниот совет е отворен дури и за оние синдикати кои не се репрезентативни, а економијата е стабилна.

Заев во обраќањето посетува и дека недела ќе биде неработен ден.