За четири години, од април 2017 до април 2021 година, просечната плата ја кренавме за 5.766 денари, додека пак за шест години, од април 2011 до април 2017, платите пораснале само за 2.153 денари, објави премиерот Заев на неговиот фејсбук профил.

Тој истакнува дека достоинството на работниците е скапоцено и затоа, како што вели, ја покачивме минималната плата на 15.284 денари, која до пред четири години беше 9.000 денари.

„Растот на минималната плата направи притисок за покачување на сите плати. Во изминатите четири години платите бележат постојан раст во сите сектори.

Во април 2021 просечната плата изнесуваше 28.438 денари, што е раст од 10,1% во однос на истиот месец 2020 година.

И нема да застанеме тука. Нашата цел е да го оствариме даденото ветување пред граѓаните, за минимална плата од 18.000 и просечна плата од 36.000 денари до крајот на овој мандат.

Тоа и ќе го оствариме!“, вели Заев.