Основните прехранбени производи ќе се продават со замрзнати маржи до крајот на април. Мерката, која истекуваше на 31 декември, владата утре ќе ја продолжи, за да не се случи скок на цените и нов удар на стандардот кај граѓаните.

Според министерот Бектеши, благо поевтинување на одредени продукти веќе има, поради поевтината струја која ја добија производителите од прехранбената индустрија. Бектеши тврди дека нема леб над 52 денари, а масло за јадење може да се најде и под 100 денари

Благо поевтинување мислам дека веќе има. Нема веќе леб од 52 денари за што се правеа драми тука во Медија центарот на Владата. Веќе и „Жито Лукс“ почна да ги намалува цените, а одредени производители веќе неколку недели ги намалуваат.

Маслото за јадење не е веќе 150 денари, ниту 160 денари. Може да се најде и под 100 денари во одредени маркети. Ние секогаш сме кажувале дека очекуваме во месец декември да има намалување од 7 до некаде 12 максимум 13 отсто и ако одиме по листата на производите, кои се во одлуката да направите споредба ќе видите дека таков процент на намалување има.

Ние сме биле многу отворени, транспарентни посебно спрема граѓаните и не сме кажале дека ќе има намалување од 50 отсто, 70, 80 отсто за месец декември. За месец јануари се прават калкулациите и од компаниите и од стопанските комори и секако дека очекуваме да има дополнително намалување. Колку ќе биде тоа намалување ќе ве известиме навремено откако ќе ги завршиме консултациите со сите стопански комори, вели Бектеши.