Од утре се укинува роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, со што ќе се заокружи примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан.

Првата фаза од спроведувањето на договорот почна уште во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена и за над 80 проценти, а од утре стартува втората фаза и целосно укинување на роамингот.

Од Агенцијата за електронски комунукации (АЕК) за МИА изјавиле дека се завршени сите чекори за разговори, пораки и пренос на податоци без тарифирање во роаминг.

ЕК донесе Одлука за утврдување на максималните цени на роаминг услугите во јавни мобилни комуникациски мрежи на 25 јуни 2019 година. Со неа се предвидува значително намалување на малопродажните и големопродажните цени на роаминг услугите за корисниците на електронските комуникациски услугите во роаминг кои патуваат во петте земји на Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Во меѓувреме, од 1 јули 2019 година  заклучно со денеска, беше воведен преоден период во кој операторите за роаминг-услугите можеа да наплаќаат само одреден дополнителен надомест на националните електронски комуникациски малопродажни цени.

Почнувајќи од утре се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (Roaming Like At Home). Тоа значи дека корисниците на роаминг услугите во земјава од утре нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји потписнички на Спогодба, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар, односно без дополнителен надомест за корисникот.

Донесените мерки придонесоа за намалување на цените за роаминг услугите во просек од 83 до 99 проценти уште во првата година од примената, во споредба со претходните цени на малопродажните роаминг услуги во земјите на Западен Балкан. Користењето на роаминг услуги под вакви поволности е регулирано со политики за фер користење и одржливост, пропишани од АЕК. Целта е да се отстранат можностите за залоупотреба, како и да се задржи одржливоста во финансиското работење на операторите.

Инаку, Македонија има потпишано одделни меморандуми за намалување на цените на роаминг услугите и со Грција и со Бугарија, но тие не се стапени во сила.