Неодамна го споделив графиконот подолу кој укажува дека на политички план, светот стана поларизиран како никогаш досега, дека се поголем дел од популацијата гравитира или кон радикално лево или кон радикално десно. Посочив дека за радикалите во душа, неконформистите, центарот моментално е најдобра опција. Графиконот се однесува на САД, но состојбата не e така различна кај поголемиот дел од светот.

Не толку голема но сепак за жал, зголемена бројка на мои познаници во Македонија се идентификуваат себеси низ радикална идеологија. Овој текст им го посветувам токму нив и нивната увереност дека нивната политичка идентификација е уникатна, револуционерна, е всушност само обичен популизам.

Радикалната десница и радикалната левица иако навидум идеолошки противници имаат голема сличност. Барем кај македонскиот бренд на радикален левичар и радикален десничар јас речиси и да не забележувам разлика, двете слободно би можеле да делат ист кревет.

Првата и најголема сличност меѓу сите радикални движења е фактот што се претставуваат себеси како ‘трета опција’. Сметаат дека општествениот развој се одвива пребавно или незадоволително (радикална левица) или пак дека општеството генерално ја губи својата морална основа (радикална десница), заради што е потребна таквата трета опција.

И радикалната левица и радикалната десница го сметаат граѓанскиот концепт за непожелна појава. Двете тврдат дека некој однадвор сака да го расцепка општеството за да полесно го владее. Ова значи дека и двете се против граѓанскиот модел на организирање во групи на интерес. И двете инсистираат на хомогена, монолитна целина наречена народ. Радикалната десница тврди дека надворешни непријатели- Сороси го разглобуваат општеството што воедно е монолитна маса на луѓе што ги обединува еден заеднички именител – национална припадност. Радикалната левица тврди дека надворшени непријатели – Сороси, го разглобуваат општеството што инаку е монолитна маса на луѓе што ги обедува еден заеднички именител – класната борба. И двете во суштина се против граѓански модел на организирање на општеството околу каузи. И двете се против конвенционалниот модел на репрезентативна демократија и граѓанско општество.

Радикалната десница и радикалната левица ја истакнуваат потребата за цврсто изградено тело кај машките и проблемите околу наводната феминизација на мажите. Радикалната десница упатува дека феминизацијата на мажите е агенда на ЛГБТ и „длабоката држава“, а радикалната левица честопати ја фали Кина, посебно тврдењето на кинеската комунистичка гарнитура дека машките треба да бидат помаженствени преку спорт и воена служба и дека женственоста е хендикеп предизвикан од консумеризмот. И двете се анти-ЛГБТ, но барем досега, кај нас, радикалната левица нема отворено образложено вакви стојалишта.

И двете одбиваат да прифатат политички модели за кои сметаат дека се наметнати од надворешни сили и често пати го повикуваат народот да се крене против надворешни непријатели, било тоа да е ЕУ, Русија или САД.

И двете се борат против наводни непријатели на традицијата како на пример ЛГБТ, сороси, мигранти, муслимани, марксисти.

И двете ја посочуваат глобализацијата како корен на сите проблеми. Радикалната левица ја поистоветува глобализацијата со злобен експлоататорски капитализам или она што тие го нарекуваат неолиберализам а радикалната десница упатува дека глобализацијата наводно го уништува националниот идентитет, одлики и традиција, во замена за т.н. „Melting pot“ односно доктрина на мултикултурно општество, општество на граѓански универзализам.

И двете веруваат дека на општествата во кои живеат им е потребно радикална промена во системот или нов систем, и се претставуваат себеси како борци на анти-колонијална кауза.

Гледаме дека сличностите меѓу радикалните движења се многу побројни одошто изгледа без оглед дали овие групи потекнуваат од левиот или десниот идеолошки спектрум. Барем досега она што се претставува кај нас како радикална левица сеуште нема прогласено отворен антагонизам против мигранти и Ислам (но го прави тоа индиректно низ силното противење кон Законот за Државјанство), и спрема ЛГБТ каузата (но го прави тоа индиректно преку давање пофални зборови за комунистичкиот режим во Кина што инсистира дека „мажественоста“ треба да биде национален приоритет.

Присети се на овие споредби секогаш кога ќе се запрашате околу своите идеолошки инклинации и запрашај се дали било која од овие две радикални струи што во суштина се исти, се најдобар избор за тебе како граѓанин и слободен човек.

 

Пишува: Блаже Аризанов