15,000 денари еднократна помош за сите кои останале без работа во ек на корона кризата, во приватниот сектор, ќе биде едно од барањата кои Синдикатот за угостителство и туризам при КСС, ќе ги упати до Владата, открија од синдикатот ексклузивно за порталот Работник.

„Прво барање за кое сакаме да разговараме ќе биде помош од државата за сите вработени од приватниот сектор кои на било кој основ, останале без работа и се евидентирани во Агенцијата за вработување, во износ од најмалку 15,000 денари“, велат од СУТ.

Од СУТ истакнуваат дека се надеваат на неселективност. Тие не бараат помош само за вработените во туристичко – угостителскиот сектор, туку за целиот приватен сектор.

Синдикатот посочува дека првата средба со Министерот за економија би ја искористиле за да го отворат прашањето околу „работењето во недела“ и да укажат на тоа дека Недела треба да биде неработен ден за туристичко – угостителскиот сектор.

„Но, доколку се одлучи да се работи во Недела, во тој случај да се разгледа еден од предлозите, а тоа е сервис од 10 % кој ќе треба да го плати ‘Уживателот’ на угостителските услуги и истите ќе припаднат на сите вработени во објектот“, велат од СУТ.

Синдикатот апелира и на тоа да се престане со користење на терминот „претставници на работниците“, затоа што синдикатот се става во втор план. Велат дека терминот е измислен за да се манипулира со вработените.

Порачуваат дека доколку има такви организации, би сакале да ги запознаат, нагласувајќи дека до тогаш, тие за нив ќе останат „предавници на вработените“.

 

Извор: Работник.мк