Под притисок на стареењето на населението и сè понеповолниот однос меѓу вработените и пензионерите, во Македонија, по 20 години, повторно се отвора темата за пензиска реформа. Буџетските трансфери за исплата на пензиите континуирано растат, што ја става под прашалник долгорочната одржливост на системот. ММФ побара од Владата реорганизација на пензискиот систем и како што истакна директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, веќе се размислува за реформа на пензискиот систем, за негова стабилизација.

И најновото европско истражување од проектот „FutuRes“ три години ги анализираше идните предизвици на пензиските системи во земјите на ЕУ што се соочуваат со слични предизвици како македонскиот: подолг животен век и ниска стапка на наталитет, кои создаваат дисбаланс меѓу бројот на вработени и пензионери во Европа, што сериозно ги оптоварува пензиските системи. Ова истражување покажува дека без реформи, постојните модели тешко ќе бидат одржливи на долг рок.

Дел од дилемите на европските експерти се дали да се зајакне вториот столб, да се менува начинот на усогласување на пензиите или да се подигне старосната граница. Тие предупредуваат дека без навремени реформи, притисокот врз пензиските фондови во земјите на ЕУ ќе продолжи да расте.

Под притисок на стареењето на населението, зголемените буџетски трансфери и сè понеповолниот однос меѓу вработените и пензионерите, во Македонија се размислува за нова пензиска реформа, која треба да даде насоки како да се „излекува“ ранливиот пензиски систем и да се направи одржлив на долг рок. Последната реформа на пензискиот систем е направена во 2005 година, кога беше воведен тристолбниот пензиски систем.

Директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов, во телевизиско гостување истакна дека пензискиот систем веќе подолго време функционира под притисок.

– Во моментов имаме околу 347 илјади пензионери. Последните податоци од 2024/2025 година покажуваат дека тој сооднос е едeн спрема 1,64 и континуирано се намалува – во 2023 беше 1,7 вработени на една пензионер. Според европските стандарди, тој сооднос треба да биде најмалку три спрема еден. Во Владата веќе се размислува за реформа на пензискиот систем ако сакаме негова стабилизација – посочи Мемов.

Тој нагласи дека и од Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, која беше неодамна во нашата земја, побарале некаков вид реорганизација на пензискиот систем. Мемов вели дека не постои унифициран пензиски модел што може да се прекопира од една држава во друга држава.

– Секоја држава има свој модел на пензиски систем. Во рамките на Владата, преку Министерството за труд и социјална политика, има работна група што работи на реформа на пензискиот систем, а ПИОМ има свои претставници, кои ќе ги пренесат нашите размислувања и ставови – вели Мемов.

Последната крупна реформа во пензискиот систем е направена пред 20 години, кога беше воведен тристолбниот систем. Мемов вели дека денес, околу 3 милијарди евра се акумулирани во приватните пензиски фондови, но нивното инвестирање е строго ограничено, што го отвора прашањето дали се користат тие средства доволно ефикасно.

– Согласно со сегашниот закон, можностите за оплодување на овие средства се ограничени. Само 30 % од акумулираниот фонд можат да се инвестираат во странски берзи и странски компании, другите 30 % можат да се инвестираат на домашната берза и 40 % во државни обврзници. Оттука е прашањето дали државата има потреба да позајмува пари од граѓаните и на тие пари да плаќа 5 % годишно камата – прашува Мемов.

Директорот смирува дека стравувањето на граѓаните дека „нема да има пензии“ на долг рок е неоправдано.

– Пензискиот систем не може да колабира, бидејќи државата ја гарантира исплатата. Пензии ќе има сè додека постои државата – вели тој.

Но, цената за тоа станува сè повисока. Само за 2026 година, трансферите од буџетот се планирани на околу 62,8 милијарди денари – близу една милијарда евра. Голем дел од овие средства одат за покривање на зголемените пензии, здравственото осигурување на пензионерите и за транзициските трошоци кон вториот столб.

Прашањето е дали е одржлив ваквиот модел. Според Државниот завод за ревизија, одговорот е „не“ на долг рок. Ревизорите алармираат дека до 2055 година, секој трет жител во земјава ќе биде постар од 65 години. Во исто време, работоспособното население ќе се намали за стотици илјади луѓе, што ќе доведе не само до демографски туку и до фискален ризик. Ревизијата предупредува дека без навремени и суштински реформи, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7,4 % од БДП во 2057 година. Тоа би значело уште поголем товар врз централниот буџет, во време кога бројот на луѓе што треба да го полнат системот веќе опаѓа.

Дел од дилемите се дали да се зајакне вториот столб, дали да се стимулира приватното штедење и како да се надмине недовербата на граѓаните кон инвестициските механизми. Одговори нуди и најновото европско истражување од проектот „FutuRes“, кое три години ги анализираше идните предизвици на пензиските системи во земјите на ЕУ што се соочуваат со слични предизвици како македонскиот – подолгиот животен век и ниската стапка на наталитет создаваат дисбаланс меѓу бројот на вработени и пензионери во Европа, што сериозно ги оптоварува пензиските системи. Новото европско истражување покажува дека без реформи, постојните модели тешко ќе бидат одржливи на долг рок.

Проектот „FutuRes“ донесе важни сознанија за можните насоки на реформите. Под водство на италијанскиот Универзитет „Бокони“, експерти од повеќе европски земји анализираа како влијаат демографските и економските промени врз пензиските системи. Истражувањето потврдува дека уште од 80-тите години било јасно дека комбинацијата од низок наталитет и подолг животен век ќе доведе до проблеми. Денес, во некои земји соодносот е околу три вработени на еден пензионер, а до 2050 година се очекува да падне на два спрема еден, што го прави системот финансиски ранлив.

Анализирани се четири можни реформи: прогресивен пензиски систем, зголемување на минималните пензии, подигнување на старосната граница за пензионирање и ограничување на придонесите. Заклучокот е дека не постои едно идеално решение.

Експертите препорачуваат системот да се базира на повеќе столбови – покрај државниот, да се зајакнат приватното штедење и учеството на работодавците во пензиските фондови.

Зголемувањето на минималните пензии помага за ранливите категории, но ги зголемува трошоците. Од друга страна, прогресивниот модел ја подобрува одржливоста и ја намалува нееднаквоста – лицата со пониски приходи добиваат релативно повисоки пензии, додека оние со повисоки примања добиваат помал процент од својата плата.

Дополнително, подигнувањето на старосната граница и ограничувањето на придонесите го намалуваат товарот врз системот, но значат и подолг работен век. Истражувањето покажува дека секоја земја има свои специфични предизвици – од старосна дискриминација, преку миграции и дигитализација, до демографски политики.

Во меѓувреме, започнат е и нов проект што ќе ја анализира поврзаноста меѓу пензиските системи и распределбата на богатството, особено разликите меѓу граѓаните што наследуваат имот и оние што немаат таква можност.