Дизелот во Македонија би можел да достигне цена од околу 111 денари за литар доколку Владата по 2 ноември не ги продолжи мерките за намален ДДВ и акциза на горивата. Станува збор за пресметка заснована на сегашната цена од 99 денари за литар, под претпоставка дека останатите фактори што влијаат врз цените нема да се променат.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека Владата одлучила мерките да продолжат да важат до 2 ноември 2026 година. Со нив ДДВ-то за дизелот останува намалено од 18 на 10 проценти, додека акцизата за дизелот и двата вида бензин е намалена за четири денари по литар.
Според министерката, целта е да се ублажат последиците од високите цени на горивата врз граѓаните и стопанството.
Мерките досега беа продолжувани во неколку наврати, најпрво до 12 октомври, потоа до 20 октомври, а со последната одлука нивното важење е продолжено до 2 ноември.
Неизвесноста околу нивното натамошно продолжување е особено значајна за транспортните компании, земјоделците и граѓаните кои секојдневно користат дизел.
Според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, од 20 октомври „еуродизелот“ се продава по 99 денари за литар, додека „еуросупер БС-95“ чини 96 денари, а „еуросупер БС-98“ 98 денари за литар.
Со последната промена на цените бензините поевтинија за 2,50 денари, додека дизелот поскапе за два денара по литар. Екстралесното масло за домаќинство достигна цена од 110,50 денари.
Доколку по 2 ноември ДДВ-то за дизелот се врати на 18 проценти, само оваа промена би можела да ја зголеми цената за приближно седум денари по литар.
Дополнително, престанувањето на мерката за намалена акциза би донело уште околу пет денари поскапување, вклучувајќи го и даночниот ефект.
Тоа значи дека вкупното поскапување би можело да изнесува приближно 12 денари по литар, со што дизелот од сегашните 99 би достигнал околу 111 денари.
Кај бензините, за кои ДДВ-то веќе изнесува 18 проценти, евентуалното враќање на акцизата на претходното ниво би можело да ја зголеми цената за околу пет денари по литар.
Во меѓувреме, нафтената компанија ОКТА воведе привремен попуст од два денара по литар дизел за испораките кон трговците на големо и мало, кој исто така важи од 20 октомври до 2 ноември.
Сепак, пресметаното поскапување од 12 денари не претставува официјално утврдена идна цена. Конечните малопродажни цени ги определува Регулаторната комисија за енергетика, земајќи ги предвид движењата на светските пазари, девизниот курс и другите параметри што влијаат врз формирањето на цените.
Затоа, колку навистина ќе чинат горивата по 2 ноември ќе зависи и од одлуката на Владата за продолжување на мерките и од состојбите на меѓународниот пазар на нафта.