Вкупно 7,63 милијарди денари, односно 124,06 милиони евра, изнесуваат доспеаните, а неплатени обврски на институциите по буџетската ставка за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт.

Како последица на неплатен долг кон ЕВН, вчера без струја останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет, како и зградата на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

Според последните податоци на Министерството за финансии за пријавените обврски, ставката за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт е втора најголема во структурата на вкупниот доспеан, а неплатен долг во државата, кој достигнува 43.841.062.661 денар или 712,86 милиони евра.

Пред неа е само ставката за материјали и ситен инвентар со доспеан долг од 149,90 милиони евра, додека по неа следуваат другите тековни расходи со 81,14 милиони евра и отплатата на главнина кон нерезидентни кредитори со 76,01 милиони евра.