Европа мора да почне да ги решава долгорочните економски и геополитички проблеми пред тие да се претворат во кризи, дури и ако тоа значи големи трошоци во сегашноста, изјави денес претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард, предупредувајќи дека европската економија е сè уште премногу зависна од надворешната побарувачка, странските технологии и добавувачите на критични суровини.
Зборувајќи на 36-от Европски банкарски конгрес во Франкфурт, Лагард оцени дека Европа честопати реагира решително само кога опасноста станува очигледна, додека во случај на побавни економски промени, го одложува донесувањето одлуки.
Како пример, таа ја наведе недоволната интеграција на европскиот пазар на капитал, поради што сè поголем дел од европските заштеди се инвестираат во странство, додека компаниите во развој бараат извори на финансирање надвор од Европа.