Според 70 проценти од испитаниците во анкета за јавно мислење спроведена од агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“, Грција се движи во „погрешна насока“. Ист процент од анкетираните ја оценуваат работата на Владата како негативна, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Растот на цените и економијата остануваат најголемите проблеми за грчките граѓани, а половина од испитаниците (51 отсто) чувствуваат дека се во полоша економска ситуација во споредба со минатата година.
Во однос на геополитичките прашања, 66 проценти од Грците негативно го оценуваат начинот на кој американскиот претседател Доналд Трамп ги извршува своите должности. 65 отсто одговориле дека се против Русија во војната во Украина, а 76 отсто ја поддржуваат идејата за формирање независна палестинска држава на Западниот Брег и во Појасот Газа.
На политичката сцена во Грција, шест од десет анкетирани (62 отсто) веруваат дека на државата ѝ е потребна „политичка промена“. На прашањето „Кој е најсоодветен за премиер?“, најголем број гласови добива опцијата „никој од понудените“ (35 проценти), пред актуелниот премиер (25 отсто) и останатите лидери на политичките партии.
Нова демократија останува стабилна на првата позиција со двојно поголем рејтинг од ПАСОК. Трета е радикално десничарската Грчко решение, а потоа следуваат левичарската Курс на слобода и Комунистичката партија, додека СИРИЗА е на шестата позиција.
Анкетата на јавното мислење на агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“ беше спроведена од 10 до 16 септември, со вклучени 1.300 испитаници.