Рускиот енергетски гигант „Газпром“ ефективно се дистанцираше од сопственичката структура на српската нафтена индустрија (НИС), откако дел од неговите акции беа префрлени на руската фирма „Интелиџенс“, објави Радио Слободна Европа (РСЕ), цитирајќи информации од Белградската берза.

НИС се најде на листата на американски санкции на почетокот на јануари поради поврзаноста со „Гаспром њефт“, која е предмет на западни санкции поради руската инвазија врз Украина.

„Газпром“, кој претходно имаше во сопственост околу 11,3 проценти од акциите, ги префрли на „Интелиџенс“, компанија со база во Санкт Петербург.

Со ова, процентот на „Газпром њефт“ во НИС се редуцираше на приближно 44,9 проценти, додека државата Србија поседува 29,9 проценти.

Американските санкции против НИС досега беа одложувани шест пати, а ново барање за одложување е доставено на 19 септември, истиот ден кога беше реализиран трансферот на акциите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е загрижен дека санкциите наскоро ќе стапат во сила. „Се плашам дека нема да има ново одложување и дека ќе се најдеме во исклучително тешка ситуација.“

„Ќе се обидам да направам сè за време на разговорите со американските претставници“, рече Вучиќ.