Рацин.мк од свои извори во „ЈСП Скопје“ дознава дека утре, 23 септември, дел од градските линии може целосно да запрат или да сообраќаат со минимален распоред.

Според информациите до кои дојдовме, автобусите на ЈСП-Скопје кои немаат полни резервоари нема да сообраќаат по интерна одлука на претпријатието, со цел да се избегне ризик возилата да останат заглавени на сред улица. Тоа значи дека, доколку воопшто има автобуси на терен, распоредите ќе бидат редуцирани и со значително поретки поаѓања од вообичаеното. За да добиеме официјална потврда и детали за планот на работа, редакцијата се обрати до ЈСП, но до затворањето на текстот не добивме одговор.

Попладнево помина во големи партиски и јавни пресметки со информации и препукувања од сите страни за тоа кој е виновен за ситуацијата. Вечерва ВМРО-ДПМНЕ лиферуваше соопштение во кое ја наведува градоначалничката Арсовска како извор на проблемот.

Потсетуваме дека во вакви околности, во отсуство на точни и навремени информации од институциите, жителите на Скопје ќе треба навреме да се подготват и да го организираат својот ден со алтернативни опции: порано тргнување, комбинирање на повеќе превозни средства, договори за споделени возења или, каде што е возможно, користење велосипеди и пешачење. Доколку претпријатието објави промени во последен момент, ќе информираме дополнително, но засега порачуваме: проверете ги обврските и патеките однапред, за да избегнете дополнителни доцнења и непланирани трошоци.

Скопје попладнево остана без јавен превоз, а илјадници граѓани беа оставени на улица, додека кај ЈСП се празнеа пероните и се редеа лути колони од луѓе што залудно ги чекаа автобусите. Веста дека автобусите се исклучуваат од линиите се рашири како молња и за час ја претвори транспортната мрежа во колапс, со застои, преполни такси-стојалишта и работници што пешачеа кон дома.