Преку оперативниот план и Агенцијата за вработување, во Кавадарци има 132 апликации за самовработување, 67 активни компании аплицирале за мерки за вработување на лица, околу 10 компании за 15 нови работни места што би се отвориле преку агендата за зелена економија.

Овие податоци ги сподели денеска заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој беше во работна посета на општината Кавадарци, при што се сретна со претставници на бизнис секторот и занаетчиите.

Ристески потсети дека активните мерки од историски најголемиот оперативен план од 40 милиони евра, биле доста атрактивни. Имало доста апликанти за различни мерки, најмногу за мерката самовработување, но и мерката за вработување на невработени млади лица во правни субјекти, како и мерки за поддршка на развој на зелена економија.

В.д. директорката на новоформираната агенција за иновации, научно технолошки развој и претприемништво, ИНОВА, Даниела Димовска рече дека ваквите средби се многу важни, бидејќи во моментов се креира програмата и добро е да се слушнат предлози и идеи.

– Сакаме да направиме програма што ќе биде од бизнис секторот, за бизнис секторот, истакна таа.

Заменик директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова потсети за мерките за вработување за кои имало голем интерес.

– Во тек е мерката обука кај познат работодавач, огласот трае до 30 ноември, сподели таа.

Кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев рече дека Кавадарци е една од подобрите општини во државата, во делот на невработеноста.