Министерството за финансии преку проектната единица МСИП реализира Проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор за што се обезбедени средства во вкупна вредност од 25 милиони евра, со поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка. Со средствата, во оваа фаза енергетски ефикасни ќе станат 18 здравствени објекти, како и објекти за кои 17 општини имаат поднесено 54 проекти.

Од вкупната висина на заемот којшто изнесува 25 милиони евра, 5 милиони евра инвестиции се предвидени за здравствени објекти и 10,5 милиони евра за проекти за општините.

Во рамки на Проектот, 18 здравствени објекти веќе го имаат поминато првиот сеизмички скрининг и ќе станат енергетски ефикасни. Меѓу нив се универзитетски клиники и здравствени домови.

Покрај инвестициите од 5 милиони евра за здравствените објекти, предвидени се и 10,5 милиони евра за проекти за енергетска ефикасност во општините.

На објавениот јавен повик вкупно се пријавени 54 проекти од 17 локални самоуправи, од кои најголемиот дел се однесуваат на објекти на образовни институции, односно училишта. Станува збор за општините Могила, Кавадарци, Охрид, Лозово, Дебрца, Дојран, Валандово, Гостивар, Ресен, Кичево, Центар, Демир Капија, Пехчево, Струга, Ранковце, Кисела Вода и Град Скопје. Финансиската поддршка за единиците на локалната самоуправа изнесува 100% од вредноста, при што 80% од прифатената инвестиција е подзаем, додека 20% е грант. Рокот за отплата е од 7 до 12 години со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка којашто е еднаква на каматната стапка на Република Северна Македонија кон Светска банка.

Проектот овозможува финансирање капитални општински проекти од типот на водоснабдување, канализација и одведување отпадни води, енергетска ефикасност, модернизација и реконструкција на улици и патишта, набавка на возила за јавните комунални претпријатија, како и изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и сл.

Реализацијата на овие проекти се очекува да придонесе кон одржлив развој и подобрување на условите за живот на целокупното население.