Многу невработени Австријци, регистрирани во Австриската државна служба за вработување (АМС), се во дилема дали летово ќе можат да одат на море или да го посетат своето семејство во странство, јавуваат локалните медиуми.

– Можат, но во тоа време мора да се одјават од АМС, објави Политика рс. Законот за осигурување во случај на невработеност предвидува дека мора да останат во земјава. Секако дека можат да аплицираат за годишен одмор, но за тоа време не можат да добијат надоместок за невработеност – објаснува првиот човек на АМС, Јоханес Копф, во интервју за австрискиот весник „Хојт“.

Како што се посочува, меѓу овие луѓе има и голем број од земјите од поранешна Југославија кои се навикнати најголемиот дел од слободните денови да ги поминуваат во матичните земји. Овој пат веројатно ќе ги има помалку бидејќи годишните одмори во странство веќе нема да бидат на трошок на државата. Според овој весник, до крајот на јуни годинава во Австрија како невработени во АМС биле регистрирани 307.732 лица. Од нив, 239.301 биле невработени, а 68.431 биле на дообразување. Неодамна беа направени измени во регулативата, кои не им одговараат на многу невработени лица, поточно дека оваа услуга може да испрати лица регистрирани во базата на работа во друга австриска покраина, доколку има слободни места за тој образовен профил.