Македонската банкарска асоцијација известува дека сите банки се подготвени од утре по групи да ја спроведат готовинската исплата на априлските пензии.

Заради заштита на здравјето, апрелираме пензионерите коишто не поседуваат дебитна картичка, при посетата во банка да поднесат барање за изработка на картичка којашто ќе биде поврзана со нивната банкарска сметка. Со тоа, нивните средства ќе им бидат достапни во секое време преку банкоматите и трговската мрежа и понатаму нема да треба да ги посетуваат филијалите и експозитурите на банките заради подигнување готовина.

На пензионерите коишто имаат дебитна картичка, но не се запознаени со сите можности за нејзино користење, банките се подготвени да им излезат во пресрет со соодветни објаснувања и насоки.

Апелираме при посетата на филијалите и експозитурите да се почитуваат насоките за одржување меѓусебно растојание од најмалку 2 метри пред и во објектите на банките и задолжително да се носи лична заштитна опрема за носот и устата (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, марама или шал, бандана и слично).

Готовинската исплата на пензиите ќе се спроведе  согласно следниот распоред:

–      во понеделник, 27 април – пензии во висина до 11.000 денари;

–      во вторник, 28 април  – пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;

–      во среда, 29 април  – пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;

–      во четврток, 3о април –  пензии во висина над 18.000 денари.

Се надеваме дека  другите корисници на банкарски услуги, ќе имаат разбирање и  периодот од 8 до 12 часот кога е дозволено движење на лицата над 67 години ќе им ги отстапат на повозрасните граѓани.